Поминавме тешки десет дена, во кои преовладуваа силни ветрови и многу тешки и неповолни услови и се соочивме со над 400 пожари, истакна министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Евангелос Турнас во интервју за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина. Турнас се осврна на големите пожари на островот Парос, во јужниот дел на островот Крит и во областа Виотија во централна Грција, кои последователно избувнаа од 28 јули и посочи дека новите неповолни временски услови дополнително ја отежнале оперативната состојба, посебно истакнувајќи ги силниот ветер и турбуленциите кои спречија оперативно користење на воздушните средства за справување со огнената стихија. За пожарите на Крит, јужно од градот Ретимно, објасни дека воздушните средства повеќепати полетувале, но безуспешно, бидејќи не успеале да извршат ниту едно исфрлање вода, а слични, како што рече, биле условите и при големиот пожарот во областите Атика и Виотија.