Една плата одамна не им стига на многу семејства да го истуркаат месецот мирно. Сметките не чекаат, храната поскапува, кириите растат, а на крајот од месецот сè почесто останува прашањето: од каде уште некој денар? Затоа сè повеќе луѓе, по завршување на редовното работно време, седнуваат пред компјутер, возат достава, чуваат деца, работат викенди, пишуваат текстови, средуваат профили на социјални мрежи или земаат смени во угостителски објекти Парт тајм работата, која до неодамна најчесто се поврзуваше со студенти и сезонски работници, сега станува дополнителен извор на приход за вработени луѓе, родители, пензионери, па и за лица со солидни примања кои сакаат финансиска резерва.