МВР објави дека вчера под раководство на ОЈО за ГОКК, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Одделот за специјални полициски операции- Единицата за брзо распоредување, спровеле полициска акција за сузбивање на криминална група инволвирана во криумчарење стоки и коруптивни кривични дела. Врз основа на наредби од Основниот кривичен суд Скопје, извршени биле претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија, при што од слобода се лишени шест лица , а при претресите биле пронајдени и одземени над 100.000 евра , 16 плочки (златна боја), цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи, кои биле нелегално внесени во државата, повеќе мобилни телефони и други предмети. Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против осум лица: М.С. (52) од Тетово, З.С. (42) од Гевгелија, А.С. (38) од Скопје, Б.Љ. (46) од Тетово, Е.А. (55) од Скопје, Д.Џ. (46) од Тетово, Б.А.К. (34) и С.С. (42) , двајцата од Р.Турција, за повеќе кривични дела, меѓу кои „ криумчарење “, „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење“, „избегнување на плаќање акциза“, „примање поткуп“, „давање поткуп“, „производство и пуштање во промет штетни средства за лекување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.