Во рамки на прославата за 35 години независност на Македонија, на 1 септември во Скопје концерт ќе одржи светски познатиот тенор Хосе Карерас заедно со македонски музички ѕвезди и Македонската филхармонија. Од „Авалон продукција“, која го организира настанот заедно со Владата, концертот е најавен како еден од најголемите музички проекти во историјата на Македонија, а покрај шпанскиот тенор во македонскиот „дрим тим“ ќе настапат Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана и Игор Дурловски, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Маја Оџаклиевска и Миле Кузмановски. Настанот ќе се одржи на Плоштад Македонија и ќе биде бесплатен и отворен за сите граѓани, како дел од програмата за одбележување 35 години независност на Македонија, стои во објавата споделена на фејсбук профилот на Владата.