По големиот успех на Сараевскиот филмски фестивал и низа други престижни меѓународни фестивали, македонскиот долгометражен филм „17“, во режија на Косара Митиќ, ја освои Златната мимоза за режија на 39. Филмски фестивал во Херцег Нови - еден од фестивалите со најдолга традиција во регионот. Ова признание доаѓа само неколку дена по големиот успех во Сараево, каде филмот „17“ освои четири награди, меѓу кои и Срцето на Сараево за најдобра актерка, за Ева Костиќ. За наградите во Херцег Нови одлучуваше меѓународно жири, предводено од Алиса Сајмон, филмска критичарка на „Variety“ и главна програмерка на Меѓународниот филмски фестивал во Палм Спрингс, а во чиј состав беа и Елена Христодулиду, Себастијан Каваца, Љиљана Благојевиќ и Драшко Ѓуровиќ.