Видео на кое се гледа како странски државјани ловат дивокози на македонските планини, а потоа собираат и пијат крв од едно од убиените животни, предизвика реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за заштитата и управувањето со Националниот парк „Маврово“. На снимката се забележува и возило со ознаки на националниот парк кое ги придружувало ловците. Станува збор за видеото насловено „Лов на дивокози од светска класа во планините на Македонија“ и објавено на јутјуб-каналот „Ловечките авантури на Педро Ампуеро“, на кој се гледаат неколку ловци со пушки со оптички нишан како ловат дивокози, а потоа, во продолжението на филмот, кој трае околу половина час, следуваат кадри како тие собираат крв од убиена дивокоза, полнат термос со неа и потоа ја пијат.