Проектот за изградба на луксузен комплекс што зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, сака да го реализира на најголемиот албански остров, го зајакнува уверувањето меѓу Албанците дека државата ја третира земјата како инвентар за странски инвестиции, а очигледната трговија по принципот „услуги за недвижности“ е уште помалку суптилна во соседна Србија, пишуваФајненшл тајмс. Албанците веќе два месеци излегуваат на улиците за да се спротивстават на планираната изградба на луксузно одморалиште на Кушнер и неговата сопруга Иванка Трамп на островот Сазан, проект што го загрозува живеалиштето на дивите фламинга, кои станаа симбол на најголемите протести во Албанија од падот на комунизмот, наведува новинарката Уна Хајдари во авторски текст за британскиот дневен весник. Демонстрантите најпрво поставија, а потоа ја урнаа бистата на албанскиот премиер Еди Рама со натписот „Последниот диктатор“, јасно покажувајќи кого го сметаат за одговорен, се наведува во текстот, додавајќи дека тој чин директно потсетува на уривањето на статуата на тврдокорниот комунистички диктатор Енвер Хоџа во 1991 година.