Обилни врнежи од дожд денеска зафатија делови од Јапонија, при што загина една жена откако нејзиниот автомобил бил поплавен во подвозник во градот Иваки, во североисточната префектура Фукушима, објави јапонската национална телевизија НХК (NHK). Подрачјето на Токио, исто така, беше погодено од остатоците од тајфун и силен атмосферски фронт, поради што Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување од второ највисоко ниво за опасност од одрони во делови од префектурите Чиба, Саитама и Фукушима. Метеоролозите прогнозираат нови обилни врнежи во широки области долж јапонскиот пацифички брег, а јапонската влада веќе формираше итен кризен штаб. Во меѓувреме, властите ги укинаа претходно издадените наредби за евакуација во Иваки, како и во делови од префектурите Ибараки и Канагава.