Станислас Вавринка го врти својот „последен круг“ во импресивната тениска кариера, па иако важи за легенда која со години им даваше огромен отпор на играчи како Ѓоковиќ, Федерер и Надал, Швајцарецот не доби почит каква што заслужува од последниот грен слем во годината. Вавринка ја игра завршната сезона во кариерата и следнава недела требаше да го има „последниот танц“ на Ју-Ес Опен, но наместо да дојде до такво нешто, тенискиот сојуз во САД одлучи да не му даде специјална покана, или таканаречена вајлд-карта. Барањето на Стен беше одбиено и тенискиот сојуз во САД со оваа одлука ги разбесни искрените тениски фанови, па во ситуација кога стана јасно дека нема да го гледаме шампионот од 2016-та година на отвореното првенство во Њујорк, пристигна порака и од самиот тенисер.