Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на централното чествување на Илинден нагласи дека државата се зачувува преку вложување во младите, се брани преку мудра надворешна политика и се јакне со национално помирување. Таа истакна важноста на историската вистина, улогата на АСНОМ, како и потребата од градење единство за понатамошен развој на Македонија Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова , денеска порача дека Илинден е ден за потсетување на борбата на повеќе генерации за создавање самостојна македонска држава, нагласувајќи дека постои долг кон историската вистина и кон асномската генерација која, како што рече, „со крв извојува слобода и македонска република“. Во обраќањето на централното чествување на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, што под нејзино покровителство се одржа пред споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје, претседателката истакна дека државата се зачувува преку вложување во младите, се брани преку мудра надворешна политика, а се зајакнува преку национално помирување.