Динамиката за реализација на актуелните проектни активности на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), хармонизирањето на правната регулатива со европските стандарди, како и идните планови и проекти во енергетскиот сектор, беа во главниот фокус на денешната средба меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и вршителката на должност амбасадор на Соединетите Американски Држави во земјава, Никол Варнс. Потенцирајќи ја важноста на стратешките проекти во енергетиката, информираат од МЕРМС, вршителката на должност амбасадор на САД, Варнс ги истакна напорите на министерката Божиновска и Министерството насочени кон енергетска независност на земјата, кои, како што беше посочено, се клучни за создавање услови за стабилна и просперитетна држава. Министерката Божиновска на средбата информираше за текот на градежните работи во врска со изведбата на гасниот интерконектор со Грција, што се очекува да финишира во текот на 2027 година, а беше дискутирано и за гасното поврзување со Србија, коешто се одвива со забрзана динамика.