Во организација на Кошаркарската федерација на Македонија, на 24 и 25 август во Скопје се одржа тренерската клиника, која на едно место обедини реномирани кошаркарски стручњаци, тренери од македонските клубови, како и голем број љубители на кошарката. Во текот на двата дена присутните имаа можност да проследат исклучително квалитетна и разновидна програма, посветена на современите трендови во кошарката, развојот на младите играчи, односот тренер–родител–спортист, како и на најновите промени во кошаркарските правила. Посебна чест за македонската кошарка беше присуството на еден од најголемите европски тренерски авторитети, Светислав Пешиќ, кој своето огромно знаење и искуство го пренесе преку темите „Дефанзивна транзиција“ и „Позициона одбрана“.