Пејачката Ријана би можела наскоро да објави нови песни по речиси една деценија пауза од издавањето на последниот албум, изјави нејзиниот партнер и рапер Раким Мајерс, познат како Асап Роки - Таа во моментов е во студио - рече Роки за време на гостувањето во поткастот на Џејсон Ли, додавајќи дека пејачката подготвува нов проект, пренесе Би-би-си. Тој не откри многу детали за албумот, но негираше дека двајцата ќе објават заеднички албум. Ријана, чие право име е Робин Фенти, последниот комплетен албум „Anti“ го објави во 2016 година. За време на разговорот, водителот на поткастот го праша Роки дали тој е причината поради која фановите сè уште го чекаат новиот албум, имајќи ги предвид нивните семејни обврски и трите деца.