Олимписките игри во Париз во 2024 година, меѓу другото, ги одбележа и скандалот кога триатлонците беа принудени да пливаат во загадената река Сена, а на Олимписките игри во Бризбејн во 2032 година ги очекуваат уште поголеми предизвици. Имено, веслачите и кајакарите за шест години ќе се борат за олимписки медали во Австралија на река во која живеат околу 500 опасни крокодили. Звучи како сценарио за напнат трилер, но станува збор за официјална одлука: реката Фицрој во австралиската сојузна држава Квинсленд, позната како дом на околу 500 крокодили, доби зелено светло за одржување на натпреварите во веслање и кајак на Олимписките и Параолимписките игри во Бризбејн во 2032 година.