Стејт департментот, по повод зближувањето меѓу Белград и Пекинг во областа на вештачката интелигенција, предупреди дека иднината на српската економија зависи од политичките одлуки денес, додека ЕУ изјави дека поблиската поврзаност со кинеските технологии го комплицира усогласувањето со барањата на Брисел на европскиот пат, објави Радио Слободна Европа. Според РСЕ, Стејт департментот не сака директно да коментира за зближувањето меѓу официјален Белград и Пекинг во областа на вештачката интелигенција, но истакнува дека е очигледно која страна треба да се поддржи. „САД ја охрабруваат Србија да го развие својот целосен потенцијал и да ја обезбеди својата национална безбедност со избирање сигурни извори и добавувачи на опрема и технологија за вештачка интелигенција, како и со избирање сигурни партнери како САД“, се нагласува во одговорот до РСЕ.