ВМРО-ДПМНЕ денеска упати остри критики кон СДС во врска со јавниот долг и економските политики, повикувајќи ја опозициската партија да одговори за долговите што, како што велат, ги оставила зад себе во периодот кога беше на власт заедно со ДУИ. Од владејачката партија посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ја презела одговорноста за Владата во јуни 2024 година со јавен долг над 60 проценти од БДП, додека, според нив, денеска долгот изнесува 58,8 проценти од БДП. „Владата уредно ги сервисира обврските што ги наследи“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека во наредните години доспеваат околу 8 милијарди евра долгови преземени во времето на СДС и ДУИ . Според партијата, само во 2026 година доспеваат околу 1,5 милијарди евра, дополнителни 1,5 милијарди во 2027 година, 1,9 милијарди во 2028 година, 1,3 милијарди во 2029 година и уште 1,4 милијарди евра во 2030 година.