Претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, ја потпиша одлуката за распишување на предвремени избори за градоначалник на Општина Брвеница, кои ќе се одржат на 18 октомври 2026 година . Како што соопшти Гаши, одлуката е донесена во согласност со Уставот, Изборниот законик и важечките закони, а од Државната изборна комисија, Општинската изборна комисија во Брвеница и сите надлежни институции очекува изборниот процес да биде спроведен професионално, непристрасно и во целосна согласност со законските процедури. Тој упати повик до сите кандидати и политички субјекти изборната кампања да ја водат достоинствено, со натпревар на програми, идеи и визија за развој на општината, наместо со реторика што поттикнува поделби или ја нарушува довербата на граѓаните во демократскиот процес. Гаши ги повика и граѓаните на Брвеница активно да учествуваат на изборите и одговорно да го искористат своето демократско право на глас, придонесувајќи за мирен, уреден и кредибилен изборен процес.