Министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, и директорот на Клиничка болница Тетово, д-р Ерзен Елези, заедно со делегација на Светска банка и претставници на Министерството за здравство, денеска ја посетија КБ Тетово. На посетата беше презентиран концептот за темелна реконструкција, проширување и опремување на болницата. Проценетата вредност на планираната инвестиција изнесува 4,56 милијарди денари, односно приближно 74 милиони евра, додека конечниот финансиски модел ќе биде утврден по завршувањето на потребните анализи и постапки.