Поранешниот вицепремиер Артан Груби денеска пред Основниот кривичен суд Скопје изјави дека не се чувствува виновен за делото што му се става на товар во случајот за злоупотреби во АД „Државна лотарија“. Покрај Груби и поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, на кој му се суди во отсуство, во случајот обвинети се и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу. На денешното рочиште сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, освен Бајрами кој е недостапен на органите за прогон, и обвинетиот Башким Авдиу кој изјави дека не го разбира обвинението што му се става на товар и побара да му биде доставено писмено на неговиот мајчин, албански јазик.