Турција планира да инвестира околу 100 милијарди долари во преносната и дистрибутивната електроенергетска мрежа во рамки на новата национална енергетска стратегија до 2040 година, која треба да биде претставена на 5 ноември во Истанбул, најави турскиот министер за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар . Како што пренесува Анадолија, новата стратегија доаѓа во период на очекуван раст на побарувачката за електрична енергија во индустријата, транспортот, зградите и земјоделството, но и на промени во начинот на кој се троши струјата поради ширењето на електричните возила, примената на вештачката интелигенција и развојот на центрите за податоци. Ширењето на електричните возила, електрификацијата на производствените процеси, примената на вештачката интелигенција и растот на центрите за податоци ќе ја зголемат побарувачката за електрична енергија, но и ќе го променат нејзиниот карактер, изјави Бајрактар на настан во Анкара, организиран од турскиот регулатор за енергетскиот пазар и Здружението на компании за дистрибуција на електрична енергија. Тој посочи дека подготовката на националната енергетска рамка до 2040 година е при крај и дека таа ги зема предвид глобалните промени во енергетиката и идните потреби на земјата.