Додека кампањата за предвремените избори во Србија на 25 октомври влегува во последната недела, владејачката Српска напредна… Додека кампањата за предвремените избори во Србија на 25 октомври влегува во последната недела, владејачката Српска напредна партија (СНС) доби поддршка од словачкиот премиер Роберт Фицо, студентското движење ги продолжува пешачките маршеви од целата земја кон завршниот митинг на 22 октомври во Белград, а медиумската сцена ја одбележаа оставките на 10 новинари од Н1 (N1). На собирот на напредњаците во петокот вечерта во Нови Сад, поддршка за донеодамнешниот претседател на Србија и носител на листата на СНС, Александар Вучиќ, упати словачкиот премиер Фицо, порачувајќи дека, покрај нивното лично пријателство, словачкиот народ ги цени српските пријатели „како скапоцено богатство“. „Толку многу го ценам Александар“, рече Фицо, говорејќи на српски јазик, и порача дека го поддржува Вучиќ бидејќи е „лидер со рбет“ и „за интересите на својата земја знае да каже ‘не’ дури и кога другите бараат да мислиме и да работиме исто“. Вучиќ во својот говор ги обвини актерите на речиси двегодишните антивладини протести – кои по загинувањето на 16 лица при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад беа предводени од студентите со барање за одговорност од власта – дека ја злоупотребиле трагедијата.