„Србија треба да ги надмине општествените поделби, да ја врати довербата во институциите и независноста и плурализмот на медиумите, за да постигне напредок на патот кон членство во Европската Унија“, рече Џулијан Васало, в.д Раководител на Делегацијата на ЕУ во Белград, на презентацијата на годишниот извештај на Европската комисија за Србија за 2026 година во Нови Сад, објави регионалниот телевизиски канал Н1. Според него, формирањето нова влада отвора можност за нова фаза во европската интеграција, но претстои сериозна работа за европскиот пат да стане национална, а не само владина цел. Васало нагласи дека техничката усогласеност со европското законодавство не може да го компензира демократското назадување, ниту пак напредокот во поединечните области на преговори може да ги замени реформите во клучните области. Во извештајот се забележува дека Србија ги исполнила техничките услови за отворање на Кластерот 3 и постигнала напредок во приближувањето кон европското законодавство во некои области, потсетува Н1. Во исто време, нема напредок во преговорите за пристапување, а ситуацијата се влоши во однос на владеењето на правото и човековите права.