Мислам дека напредокот ви е потребен вам, на вашата земја, за да се движите понатаму и да се развиете во модерно, демократско и добро организирано општество, без оглед дали сакате да се приклучите во Европската Унија еден ден или не, порача денеска австрискиот европратеник Томас Вајц на Граѓанскиот форум „Северна Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“, организиран од Групата за поддршка на демократијата и координација на избори на Европскиот парламент, во соработка со Собранието на Македонија. Вајц истакна дека напредокот на земјата не треба да се гледа исклучиво низ призмата на нејзиното членство во Европската Унија, туку пред сè како процес што треба да обезбеди модерно и демократско општество, како и подобри услови за живот на граѓаните. Во спротивно, рече, граѓаните ќе го бараат подобриот живот на друго место.