Под мотото „Вклучи одржливи навики“ на 29 октомври во Скопје во Т Арената почнуваат меѓународните саеми ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 и РЕАЛ ЕКСПО 2026 . Двата настана во трите саемски дена до 31 октомври ќе обединат компании, институции, експерти, инвеститори и млади иноватори, со програма посветена на новите технологии, енергетиката, одржливиот развој и недвижностите. На средбата со медиумите беше претставена саемската програма, која, покрај изложбениот дел, опфаќа стручни презентации, панел-дискусии, промоции на производи и услуги, деловни средби и можности за вмрежување. На изложбена површина од над 2.500 квадратни метри, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со решенија од областа на роботиката, автоматизацијата, обновливите извори на енергија, циркуларната економија и дигиталната трансформација.