Најважните вести од денот — секој ден и во твојот фид.
„Европската комисија(ЕК) во Извештајот за Северна Македонија за 2026 година ги издвојува донесувањето на новиот Закон за органско производство, Националниот план за одржлива употреба на пестициди и Националниот план за управување со јагулата како конкретни чекори што придонесуваат кон напредокот во соодветните области, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во рибарството и аквакултурата, ЕК бележи напредок, посебно преку усвоениот Национален план за управување со јагулата, кој утврдува мерки за нејзино зачувување и намалување на смртноста предизвикана од човечките активности.
„Нотирани се и продолжувањето на мерките за заштита на чувствителните видови риби, активностите за порибување со охридска пастрмка и зголемените активности за спроведување на прописите во областа на инспекцискиот надзор и контролата.
Македонија има добро ниво на подготвеност во областите на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика, оценува ЕК. Комисијата се осврнува и на започнатите активности за интегрирана заштита од штетници во два пилот-региона, натамошниот развој на фитосанитарниот информациски систем и редовното ажурирање на листата на штетни организми согласно правилата на ЕУ и состојбата во земјата.
„ЕК наведува и дека Агенцијата за храна и ветеринарство спроведувала редовни ревизии на лабораториите во ветеринарството и безбедноста на храната, а во повеќето области работела согласно стандардите за управување со квалитет.