Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, на јавната расправа за развојниот просторен план реагираше на повторното појавување на рудниците Казандол и Иловица во планската документација, иако како што истакнуваат од неговата партија, станува збор за проекти околу кои повеќе од една деценија постои јасно изразена отпорност од страна на локалното население „Казандол и Иловица се апсолвирана тема. Не ми е јасно како после десет години трибини, анализи од професори, протестни блокади кои што траеа по месеци, протести, референдуми, одлуки на Совети, ние сме повторно во ситуација во еден просторен план, наречен развоен, да гледаме рудници кои што се апсолутна апсолвирана тема.“ Во изминатите години, прашањето за рудниците во Струмичко беше предмет на јавни расправи, протести и локални референдуми, а против нивното отворање беа донесени и одлуки на општинските совети. Државата дури ја доби и меѓународната арбитража за Казандол, со што стави правен печат на оваа тема.