Анализите на состојбите со откупот на пиперката, оризовата арпа, вранецот и другите… Анализите на состојбите со откупот на пиперката, оризовата арпа, вранецот и другите земјоделски производи покажале потреба од поширок институционален одговор, поради што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во текот на неделава ќе поднесе иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата, најави денеска министерот Борче Серафимовски. Покрај редовните контроли на Државниот инспекторат за земјоделство, Министерството ќе ги активира и останатите законски механизми што му стојат на располагање. Врз основа на утврдените факти, во текот на оваа работна недела ќе доставиме образложена иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата, која како независен орган ќе оцени дали постои основа за постапување согласно Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи – истакна Серафимовски.