Цените на бензинот и дизелот во Велика Британија од денеска по првпат се прикажуваат во реално време на апликацијата „Гугл мапс“, со цел да им се помогне на возачите да најдат поевтино гориво во услови на раст на трошоците за енергија и откако цената на дизелот надмина две фунти за литар (145,25 македонски денари). Проверката на локалните цени сега е едноставна – со отворање на „Гугл мапс“ и пребарување на блиските бензински станици, апликацијата веднаш ги прикажува ажурираните цени на горивата, соопшти британското Министерство за енергетска безбедност и нето нулта емисија. Во време кога тековниот конфликт на Блискиот Исток ги зголемува цените на горивата за возачите, споредувањето на цените може да им заштеди на домаќинствата што поседуваат автомобил околу 40 фунти (52 долари) годишно – се наведува во соопштението од Министерството. Министерот за финансии Џон Хили изјави дека сега е значително полесно да се најде најдобрата цена на бензинските пумпи, иако, како што нагласи, „ова не ги решава сите проблеми“.