Европската економија сè уште расте, но зад таа реченица се собира сè понепријатна слика: енергијата поскапува, инфлацијата повторно забрзува, компаниите стануваат повнимателни, а граѓаните сè потешко го прифаќаат јазот меѓу статистичкиот раст и сопственото секојдневие. Протестите во повеќе европски земји, падот на потрошувачката доверба и новите деловни показатели зборуваат за ист проблем гледан од различни страни – економскиот притисок постепено станува и општествен. Според октомвриската проценка на Европската комисија , довербата на потрошувачите во еврозоната се намалила за 1,1 поен и паднала на -17,9, додека во Европската Унија се спуштила на -17,3. Тоа е втор последователен месец на влошување по периодот на закрепнување и уште еден показател дека домаќинствата ја чувствуваат економската неизвесност поинаку од она што може да се види само преку стапката на раст.