Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на тема „Кредитна линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва со средства од Договорот за задолжување од Буџет на Република Северна Македонија“ за одобрени кредити во период од јануари 2025 до февруари 2026 година. Кредитната линија во износ од 250 милиони евра во денарска противвредност, воспоставена преку заедничка соработка на Владата, Министерството за финансии и Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, се операционализира преку дванаесет комерцијални банки-учеснички. Врз основа на обезбедените докази, добиено е разумно уверување за изразување на позитивен заклучок дека активностите на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, во однос на правната рамка и управувањето со средствата од оваа кредитна линија, се во согласност во сите материјални аспекти со применетата релевантна законска и подзаконска регулатива, интерни акти и договори.