Во Општина Карпош денеска се одржа конститутивната седница на Локалниот совет за женско претприемништво, со што и официјално започнува работата на ова тело, чија цел е да придонесе кон унапредување на женското претприемништво и создавање нови можности за жените претприемачки од Карпош. На седницата, преку демократско гласање, за претседателка на Локалниот совет за женско претприемништво беше избрана Елизабета Јамандиловска, дипломиран професор по англиски јазик и судски преведувач, со повеќе од 30 години професионално искуство во приватниот сектор. За потпретседателки беа избрани Билјана Караманолеска, со долгогодишно искуство во водењето бизниси од различни области, и Благица Цветановска, членка на Советот на Општина Карпош, со професионално искуство во приватниот сектор.