Во рамки на официјална посета на Атина, Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари билатерална средба со високи претставници од Министерството за внатрешни работи и Националниот центар за јавна администрација и локална самоуправа на Република Грција (ЕКДДА), на која беше потврдена заедничката определба за продлабочување на институционалната соработка и размена на знаења и експертиза во областа на јавната администрација. На средбата присуствуваа заменик-министерката за внатрешни работи на Република Грција, Параскеви Харламбојани, претседателот на ЕКДДА, Василис Егзархос, раководителката на Академијата за професионален развој на административните службеници, Ангела Бурбули, раководителот на Националното училиште за јавна администрација, Анастасиос Хондројани, како и генералната директорка на „Reform Greece“, Адамантија Манта. По билатералната средба се потпиша и Меморандум за соработка меѓу Министерството за јавна администрација и Националниот центар за јавна администрација и локална самоуправа на Република Грција, со кој се воспоставува институционална рамка за долгорочно партнерство во областа на професионалната обука, истражувањето и иновациите во јавната администрација.