Сопственикот на кабарето „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, не им ја дал на увид лиценцата за работа на полициските службеници при контрола во 2023 година, а пристапот до објектот бил целосно блокиран од паркирани возила, сведочеше денеска самостојниот инспектор при Регионалниот центар за гранични работи Исток – Делчево, Деспина Симеонова, на судењето против деветтемина полициски службеници обвинети во врска со пожарот во кабарето „Пулс“. Симеонова, која сведочеше во рамки на директното испитување од страна на Обвинителството, појасни дека во Министерството за внатрешни работи е вработена од 2001 година, а во текот на 2022 и 2023 година континуирано извршувала работни задачи како инспектор за странци, опфаќајќи канцелариска и теренска работа. Прашана за начинот на спроведување на активностите и соработката со останатите служби, таа посочи дека кога работат по Законот за странци постапуваат само инспекторите за странци, а кога работат по оперативни планови имаат заеднички акции со инспекторите од МВР, Пазарна инспекција, Труд и социјала,... – Кога работиме во нашиот дел, по Законот за странци, работата може да биде единечна и во тој случај постапуваме само инспекторите за странци.