Синоќа, со проекцијата на филмот „Три недели потоа“ и врачувањето на наградата „Златна грива“ на турскиот режисер, сценарист, актер и историчар Емин Алпер, во киното „Фросина“ свечено беше отворено 11. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. На свеченото отворање присуствуваа претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, како и бројни актери, режисери, филмски работници и почитувачи на филмската уметност. Овогодишното издание се одржува под мотото „На прво светло“, а посебен белег на отворањето дадоа учениците од основните училишта од Општина Кисела Вода, кои премиерно ги прикажаа своите кратки филмови изработени низ работилницата „Снимај паметно, остави трага“, под менторство на режисерката Марија Џиџева.