На 24 октомври (сабота), во 12 часот , во просториите на Друштвото на писателите на Македонија , ќе се одржи „Поетско матине“ , книжевна средба посветена на авторите од националните заедници кои создаваат во Македонија, како и на авторите кои творат на два или повеќе јазици. Средбата е замислена како простор за запознавање, слушање и разговор – за различните книжевни искуства, јазици и поетики што ја збогатуваат нашата културна средина. На „Поетското матине“ учествуваат Вера Чорниј-Мешкова , Љерка Тот-Наумова , Каљош Челику , Рифат Емин , Гордана Јовиќ-Стојковска , Ахмет Селмани и Сузана В. Спасовска , а настанот ќе го модерира Сеида Бегановиќ . Во рамките на програмата ќе биде претставено творештвото на учесниците кои ќе читаат свои дела , а потоа ќе следува панел-дискусија: „Два дома – еден јазик, два јазика – еден дом“ . Дискусијата ќе биде посветена на искуствата на авторите кои создаваат во повеќе јазични и културни средини, на нивното место во книжевниот простор и на можностите и културните стратегии за нивна поголема видливост и афирмација.