Отец Ивица ТОДОРОВ „Возљуби го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум (со полнотата на својата личност); тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себе си! (ако со полнотата на својата личноста го љубиме Творецот, ќе се љубиме и ќе се спознаеме себеси! Кога ќе се спознаеме и ќе се имаме себе си тогаш ќе бидеме подготвени да го разбереме, да го љубиме, а и да се жртвуваме за својот ближниот)!" (Матеј. 22, 37-40). Овие две заповеди за љубовта се врвот на Божјото откровение, како во Стариот завет (пред Христовото доаѓање), така и во Новиот завет (по откупителна жртва Христова на крстот и воскресението). Некој може да каже дека тоа се многу едноставни нешта, но непознавањето и непрактикувањето на овие "едноставни" заповеди можат, а тоа се случува почнувајќи од Адам и Ева па се до денес, да го направат нашиот живот подобен на адот (состојба на чисто зло). Денес, насекаде околу нас, во нас самите и во нашиот однос кон ближните ние сме сведоци на пројавата на злото, на таа болна антиљубовна состојба која секогаш има за цел: 1. да не оддели од ближните (егоистички сепаратизам), 2. да не оддели од Бога (духовно мртвило), 3. да не оддели од самите себе (шизофренија)! Секојдневно во нашата душа го чувствуваме вознемирувањето, стегнатоста, неслободата, стравот и апсурдот кои се плод на злиот однос на некои луѓе кон нас.