Во рамките на програмата за одбележување на „Месецот на книгата“, НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид најавува уште три културни настани, кои ќе се одржат од 2 до 4 ноември, а ќе бидат посветени на креативното творештво, литературата за деца и македонското музичко-фолклорно наследство. Во понеделник, 2 ноември, во просториите на Библиотеката ќе започне реализацијата на проектот „Креативна работилница – нов живот за старите книги“, во кој ќе учествуваат ученици од ООУ „Кочо Рацин“ од Охрид. Преку уникатната уметничка техника оригами – оригами од книги (оримото), која со внимателно виткање на страниците им дава нова форма на старите книги, учениците ќе имаат можност да ја откријат магијата на креативното создавање и да се уверат дека и книгите што веќе не се во употреба можат да добијат нова, уметничка вредност.