Македонија остварила видлив напредок во повеќе области опфатени со Извештајот на Европската комисија, особено во надворешната и безбедносната политика, образованието, науката и дел од реформските процеси, оценија учесниците на панел-дискусијата „Извештајот на Европската комисија за 2026 – напредок и реформи“ во Владата, истовремено порачувајќи дека претстои интензивна работа, пред сè во владеењето на правото, борбата против корупцијата и спроведувањето на реформската агенда поврзана со евроинтегративниот процес. На панел-дискусијата беше нагласено дека стратешката определба на државата за членство во Европската Унија останува силно препознаена од европските институции, а како особено значајни беа посочени усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, активната улога во меѓународните организации и продлабочувањето на соработката со Унијата во сферата на безбедноста и одбраната. Заедничка порака од учесниците беше дека Извештајот на Европската комисија е охрабрувачки и потврдува дека земјата располага со добра основа за забрзување на пристапниот процес.