„Сите имаме своја улога“ е мотото на Деновите на медиумска писменост 2026, кои ќе се одржуваат од денеска до 2 ноември во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и Мрежата за медиумска писменост. На прес-конференција заменик-директорот на ААВМУ, Мухамер Беќири, рече дека со ДМП 2026 нашата држава се приклучува кон глобалното одбележување на Неделата на медиумска и информациска писименост на УНЕСКО и најави повеќе настани – работилници и обуки, конференции, кои ќе се реализиираат во Скопје, Гостивар, Струмица, Битола, Велес, Струга и Тетово, како и дебата во Собранието. Ќе бидат презентирани и резултати од истражување со препораки, промовирани иновативни начини за поголемо присуство на медиумската писменост во образованието и медиумите, како и вештини како да се заштитиме во онлајн-просторот и како да ја употребуваме вештачката интелигенција.