Драгана Бојковска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка во Собранието, во вчерашното издание на дебатната емисија „Анализа“ на телевизија 24 истакна дека со Кривичниот законик, којшто е испратен до Европската Комисија, предвидено е воведување на ново кривично дело кое се однесува на загрозување на стабилноста на банкарскиот систем, по пат на неосновано ширење во јавност на неточни информации, за кое е предвидено и казна затвор, зошто како што вели таа, за секое ширење на неточни и лажни информации на начин на кој се загрозува банкарскиот систем, мора да се сноси и одговорност. „Знаете дека го испративме Кривичниот законик до Европската Комисија, но во тој Кривичен законик ќе има еден нов член којшто ќе ги предвидува овие ситуации, ќе се воведе како кривично дело за ситуација настаната, поврзана со банкарскиот сектор и ширење на лажни информации, се вели, загрозување на стабилноста на банкарскиот систем во којшто неосновано во јавноста ќе се шират неточни информации со што ќе се загрози стабилноста на банкарскиот систем. За ова кривично дело ќе се воведе казна затвор бидејќи не можете вие да ширите лажни информации, политички да профитирате, да се обидувате политички да профитирате и за тоа да не сносите одговорност, на овие ситуации ќе им ставиме крај“, рече Бојковска.