По покана на организаторите, Лукровски ја подигна наградата „Младински пријателски град“, со која се препознава заложбата на Општина Карпош за унапредување на младинските политики, создавање подобри услови за младите и нивно активно вклучување во процесите на локално одлучување. Воедно, градоначалникот учествуваше и на панел-дискусијата на тема „Од закон до локална реалност – Институционална и финансиска поддршка за младинските центри и младинската работа“, на која се отворија прашања поврзани со предизвиците и можностите за спроведување на законските обврски во областа на младинската работа. Во рамки на дискусијата, Лукровски ги презентираше искуствата на Општина Карпош во поддршката на младите, посочувајќи ја важноста од обезбедување достапни простори, квалитетни младински програми, развој на капацитетите на младинските работници, како и активно учество на младите во креирањето на локалните политики.