Советот на ЕУ ја стави поранешната шефица на медиумот „РТ“ во Франција, Ксенија Федорова, на списокот на санкционирани лица поради нејзината улога во, како што се наведува, „хибридни активности на Русија и манипулирањето со информации, со што се поткопуваат демократијата и стабилноста во Унијата“. Како поранешна директорка на одделот за информации во телевизискиот канал „РТ Франција“, Федорова учествувала во спроведувањето и ширењето на уредувачката политика на медиумот, застапувајќи ги проруските ставови за руската воена агресија врз Украина, се наведува во соопштението на Советот. Откако емитувањето на „РТ“ беше забрането во ЕУ, Федорова продолжи да шири пораки во француските медиуми, како „Си-њуз“ (CNews), „Јуроп 1“ (Europe 1) и „Журнал ди деманш“ (JDD), кои се совпаѓаа со ставовите на Кремљ во однос на војната во Украина, европската поддршка за Киев, НАТО и односите меѓу Русија и ЕУ, се посочува во соопштението.