Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на град Скопје во вечерашното гостување во дебатната емисија „Директно - Една година потоа“ на Телма телевизија, изјави: „Ние веќе како град сме финансиски консолидирани, за 18% ни е зголемена наплатата оваа година. Мислам дека сме стабилни и ќе можеме на сите предизвици да одговориме во наредните три години, онака како што планираме.“ Ѓорѓиевски обзнани дека ребаланс на буџет, за разлика од минатото, сега се прави во случаи на заштеда од одредени постапки и проекти, со цел заштедените средства да се реалоцираат за нови проекти кои, како што вели Ѓорѓиевски, кореспондираат, со неговите предизборни ветувања. Ѓорѓиевски најави дека со краткиот ребаланс на буџетот се предвидува изградба на две нови училишта кои ќе се градат паралелно, од кои едното во Драчево, а другото во Ѓорче Петров.