Кошаркарите на Работнички продолжуваат со максимален ефект во новата сезона на МТЕЛ Суперлигата, откако во дербито од четвртото коло го совладаа МКК Куманово со 70:63. До победи стигнаа и Кожув, кој беше подобар од Тиквеш Голден Игл со 90:81, како и Пелистер, кој во драматична завршница го надигра Скопје со 101:94. Работнички ја продолжи победничката серија и со четвртиот триумф од исто толку натпревари се искачи на врвот на табелата. Во салата „Лазар Лечиќ“, скопскиот тим водеше голема битка со МКК Куманово, а победникот беше решен во неизвесната завршница. По изедначеното прво полувреме, во кое Работнички замина со предност од 36:33, кумановци одлично го отворија третиот период и поведоа со 49:44. Домашните брзо се вратија во игра, а во последната четвртина успеаја да создадат предност од осум поени (61:53). Гостите не се предаваа и на нешто повеќе од една минута до крајот се доближија на 63:66, но Работнички ги задржа концентрацијата и сигурноста во клучните моменти за конечни 70:63. Рикиќ беше најзаслужен за победата со 17 поени и 11 скока.