По повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, Народниот правобранител… По повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, Народниот правобранител потсетува дека правото на самостојно, безбедно и достоинствено движење е нераскинлив дел од човековото достоинство и предуслов за еднакво учество на лицата со оштетен вид во општествениот живот. Белиот стап, како симбол на самостојноста, независноста и слободата на движење, потсетува дека пристапноста не претставува привилегија, туку основно човеково право и предуслов за остварување на другите права и слободи. Во оваа насока, Народниот правобранител потсетува дека Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, особено членовите 9 (Пристапност), 19 (Самостојно живеење и вклученост во заедницата) и 20 (Лична мобилност), ја обврзуваат државата да презема соодветни мерки за обезбедување пристапност до физичката средина, транспортот, информациите и комуникациите, како и за олеснување на личната подвижност на лицата со попреченост со најголема можна самостојност.