МЗТ Скопје Аеродром ја оправда фаворитската улога во градското дерби против Скопје 2023, славејќи убедливо со 79:60. Аеродромци до победата стигнаа по подобро одиграно второ полувреме, во кое целосно ја презедоа контролата врз случувањата на теренот. МЗТ имаше одличен почеток и брзо поведе со двоцифрена разлика (19:8), но Скопје 2023 успеа да се врати во натпреварот, па дури и да направи пресврт за водство од 31:30. Сепак, фаворитот ја врати предноста и на полувремето замина со 42:39. Гостите одржуваа резултатски приклучок и во третиот период, но МЗТ во продолжението го засили темпото и постепено ја зголемуваше предноста за конечни 79:60. Најефикасен во победничкиот состав беше Емир Крајиниќ со 20 поени и осум скока. Кај Скопје 2023 се истакна Камерон Џонс со 18 поени, четири скока и две асистенции.