Македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината, порача премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Третата конференција на задграничните комитети на партијата, што се одржа во Солинген, Сојузна Република Германија. На конференцијата, како што се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, присуствувале и членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, Тимчо Муцунски и Стефан Андоновски. Во поздравното обраќање пред делегатите, Мицкоски ги запознал состојбите во државата, економските показатели, за кои рече дека укажуваат на раст, инфраструктурните проекти, како и мерките за справување со предизвиците во енергетиката предизвикани од глобалните случувања.