Септември беше вториот најтопол септември во историјата на мерењата на глобално ниво, со просечна температура од 16,27 степени Целзиусови, соопшти Службата на ЕУ за климатски промени „Коперник“ (Copernicus). Минатиот месец, исто така, беше втор последователен месец годинава во кој глобалните температури ја надминаа границата од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриското ниво, соопшти денеска „Коперник“. За Западна Европа ова беше најтопол септември во историјата на мерењата, додека за Европа како целина беше трет најтопол. Долготрајните сушни услови доведоа до рекордно низок водостој на реките во септември во делови од Рајна, Дунав, Висла и Гарона-Дордоња.