Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска учествуваше на националниот дијалог „Забрзување на климатската акција: Национален дијалог на патот кон COP31“, организиран од Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Во рамки на настанот се одржа панел-дискусија во која покрај министерот Хоџа учествуваа претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, и Даме Димитровски, советник на претседателот на Владата за животна средина и клима. На настанот присуствуваа и претставници на институциите и експерти од областа на климатските промени. Во своето обраќање, Хоџа истакна дека климатските обврски мора да се преточат во конкретни мерки и мерливи резултати.