Филмот „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска, меѓународно наградуваното остварување „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски се дел од програмата на втората Ревија на македонскиот филм во Србија, која од 12 до 14 ноември ќе се одржи во установата за култура „Пароброд“ во Белград. Ревијата ќе понуди тридневна програма со играни, документарни и краткометражни филмови, средби со филмски автори, мастер-клас и музичка програма, со цел поголема афирмација на современата македонска кинематографија пред српската публика. Во центарот на годинашното издание е документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, кој по светската премиера на 82. Филмски фестивал во Венеција, каде што ја освои наградата Cinema and Arts Award, продолжи да бележи значајни меѓународни успеси.